Трајкоски: Успеав да го одржам дадениот збор. Сериозен градоначалник, ветено, реализирано,отчетно!

Охриднет разговор со кандидатот за градоначалник на општина Дебрца Игор Трајкоски.

 

 

Трајкоски по втор пат ја барате довербата на жителите на Дебрца.

1. Зошто граѓаните да го дадат гласот за Вас. Накусо што реализиравте изминативе четири години? 

Низ изминативе четири години јас како Градоначалник на Општина Дебрца успеав да го одржам дадениот збор. Она што го ветив да го исполнам, но не само тоа, туку се трудев и тековно работев вон мојата изборна програма се со цел што повеќе жители на Дебрца да бидат задоволни. Изградени се 22 патишта со вкупна должина од 14,2 км, изградени се 9 водоводи и 4 канализации со вкупна должина од 29,5 км, изградено едно основно училиште и реконструирани 4 основни училишта, изградена е една спортска сала, изградени се 2 повеќенаменски игралишта и реконструирани 5 игралишта, односно во последните 4 години, реализирани се повеќе проекти отколку во претходните 16. Потребата за помош не познава никаква поделба, а потребата за реализирање на проекти го зголемува бројот на жителите кои ја прикажуваат довербата кон мене и ВМРО ДПМНЕ. Сите знаат дека во Дебрца никогаш не било повеќе направено отколку изминативе четири години. Тоа укажува на нашата сериозност во спроведување на даден збор. Мојата сериозност за кандидирање на втор градоначалнички мандат укажува на фактот дека темпото со кое се работи во Дебрца мора да има постојан континуитет. Тоа е остварливо доколку со вашата доверба заеднички го спроведиме тој континуитет на различни сфери во општото делување. Дебрца ја направивме препознатлива, медиумски експонирана, општина со најмногу спроведени проекти, со целосно реализирана изборна програма.

2. Кои се клучните проекти за следните четири години? Кои се капиталните проекти за подобар живот на граѓаните во Дебрца?

Граѓаните на Општина Дебрца заслужуваат да живеат во модерна и убава општина во која ќе бидат задоволени сите нивни потреби. Имаме јасна и прецизна визија, знаеме и можеме да го подобриме животот во Дебрца. Нудиме перспектива за подобар живот, нудиме достинство за секој еден жител на Дебрца. Јас и мојот тим силно ќе се залагаме за да обезбедиме подобар живот за нашите сограѓани преку изградба на квалитетна инфраструктура, подобро образование, заштита на животната средина, преку развој на спортскиот дух и урбанизација на општината. Тоа што го ветуваме, ќе си стоиме на зборот и ќе го исполниме. Во продолжение ќе споменам само дел од проектите од мојата програма:

–          Изградба на пумпна станица за снабдување со вода за селата Орoвник, Горенци, Требеништа и Волино

–          Изградба на канализациона мрежа во Велмеј

–          Изградба на канализациона мрежа во Лешани

–          Изградба на канализациона мрежа во Требеништа

–          Изградба на канализациона мрежа во Волино

–          Изградба на плоштади во селата Оровник, Горенци, Мешеишта, Требеништа, Волино, Ботун, Злести, Белчишта, Лешани и Велмеј

–          Реконструкција на локален пат Злести – Белчишта

–          Реконструкција на постоечки објект стар Интернат во Село Белчишта со пренамена во Етно Музеј и Музеј за ,,Белчишко Блато,,

–          Реконструкција на водоводната мрежа Мешеишта

–          Изградба на локален пат, паркинг простор, видиковци и пешачки патеки за локалитет Сини Вирој, с.Белчишта

–          Ќе започнеме со асфалтирање на повеќе улици низ сите населени места во општината

–          Заради обезбедување подобри и поквалитетни просторни услови за одвивање на наставниот процес ќе поставиме системи за централно греење во училиштата во Требеништа, Мешеишта и Белчишта, а ќе извршиме реконструкција на училиштата во Волино, Издеглавје и Велмеј,

како и многу дриги проекти од кои благодет ќе имаат сите жители на Дебрца.

3. Како ја оценувате изборната кампања? Дали противкандидатите  кои ги има двајца во вашата општина, (еден на СДСМ и една независна) водеа коректна изборна кампања?

Во предизборието СДС во Дебрца покажа тотална безидејност и неконструктивност, а нискиот рејтинг на нивниот кандидат, очајно се обидуваат да го прикријат со обични лаги и манипулации со цел замајување на народот. СДС и мојот противкандидат од таа партија се свесни за големиот пораз што ги очекува на 15 октомври и откако не им успеаја сите досегашни обиди за мое лично оцрнување, како и за нарушување на угледот на институцијата со која раководам, нивниот кандидат, немајќи конкретна програма со рокови и проекти, ветува дека ќе протече мед и млеко во Дебрца, мислејќи дека колку поголемо лажно ветување ќе даде, толку повеќе ќе ги убеди граѓаните. Граѓаните многу добро знаат кој работи, кој реализира проекти, кој остава дела позади себе, а на луѓето како него кои користат само излитени фрази, времето им е поодамна изминато. На независниот кандидат за градоначалник, ја користам приликава да и честитам за фер и коректната кампања.

4.Трајкоски, секојдневно сте на терен меѓу граѓаните. Какви се вашите впечатоци? Што е она што Ви го пренесуваат?

Токму од граѓаните доаѓа најголемиот мотив и поттик за мене како кандидат за градоначалник, граѓаните секојдневно ги препознаваат вистинските вредности, визијата, идеите, развојот. Пред крај сме на изборната кампања, а токму од граѓаните од ден во ден се посилно дознавам дека ќе победи Игор Трајкоски, за доброто на сите, за просперитетна општина. И овој пат, Дебрчани ќе кажат НЕ на безидејноста, на неинвентивноста, на лагите, манипулациите и политиканството. Граѓаните на Дебрца ќу му кажат НЕ на СДС.

5. Што очекувате на престојните локални избори? 

Вербата помеѓу нас е вистинскиот пат за реализација, детално сме запознаени со остатокот од проблемите и истите во од ќе ги решаваме, бидејќи тоа е наша должност. Направивме многу, но ќе направиме уште многу повеќе. Нашето ново мото секогаш работа е всушност наша досегашна пракса. Затоа никој повеќе во Дебрца не се сомнева дека жителите ќе ја дадат довербата за број 13, бидејќи со заокружување на овој број се заокружува за реализација на секој потребен потфат, онака како што доликува на сериозна политичка партија и сериозен Градоначалник, ветено, реализирано и отчетно.

 

Social profiles