ОБНОВЕНО: СВР Охрид го потврди настанот – Боксови и закани за стружанец, пишувал статуси против Села

Претседателот на невладината „Каприкорн“  од Струга, Васко Јолески,  синоќа бил нападнат од непознато лице.

Напаѓачот прво му се заканил по живот ако продолжи да пишува статуси на социјалните мрежи  против Села, а потоа му удрил два бокса и избегал. 

-Синоќа околу 21:00 додека гледав фудбал со мои другари. Во кафиќот каде бев дојде за мене непознато лице. Учтиво ме повика надвор да ме запраша нешто.Откако излегов ми кажа дека многу сум агитирал против Алијансата и Зијадин Села и дека ако не прекинам тоа ќе е лошо за мене и ќе ме нема.Потоа ме удри со два боксови изненадно и избега со неговото возило кое беше оставено запалено и со  отворена врата. Ја запишав регистрацијата а случајот го пријавив во полиција, вели Васко Јолески во изјава за Охриднет. 

Јолески очекува надлежните да го расчистат случајот.

Од СВР Охрид со соопштение го потвдија настанот:

 

-Полициската станица од Струга презема мерки за пронаоѓање на засега непознат сторител, кој синоќа околу 22 часот пред угостителски објект во Струга извршил физички напад врз В.Ј. (32) од Струга.

 

Физичкиот напад е случен пред угостителски објект на улицата „Боро Хаџиески“ во Струга каде, засега непознатиот, пристигнал со патнички автомобил и од кафе барот го повикал В.Ј. надвор да поразговараат.

 

Тука, во еден момент од меѓусебната комуникација, засега непознатиот сторител, физички го нападнал В.Ј. задавајќи му два удари со тупаници во пределот на главата по што, со брзање избегал со својот автомобил, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски. 

Ова не е прво изборно насилство. Оваа изборна кампања помина со многу навреди, закани, кршење штабови, оштетување имот  па дури и напади. 

Social profiles