
Над 30 новинари, уредници и сниматели од јавниот сервис, МТВ 1, МТВ2 и Македонското радио викендов учествуваа на три дневна обука во Охрид за подигнување на стандардите во известувањето и работењето. На работилницата беа обработувани актуелни теми од областа на новинарскиот живот, раскажување приказни, подготовка и развивање на истражувачки стории.

Обучувачите, одржаа предавања на повеќе теми: медиумскиот пејзаж и улогата на јавниот сервис, медиумска писменост, борба со дезинформации, креирање истражувачки стории, а се правеа и вежби со снимање и креирање видеа во реално време.

-Живееме во дигитално време кога е исклучително важно, да се работи постојано и да се надградува. Тоа значи со персоналот, со луѓето, со новинарите, со снимателите со сите оние што на некој начин учествуваат во создавање на вести и информации. Тоа е многу важно во сите редакции, а особено е важно во јавниот сервис кој што би требало да биде предводник во креирањето на слика за состојбите во државата, реално онакви какви што се, вели Младен Чадиковски ппретседател на ЗНМ.
-Триесеттина новинари учеа различни вештини и техники за медиумска писменост , меѓутоа и како се функционира во денешното дигитано време како новинар. Техники за раскажување на приказни, користење на разни алатки за пронаоѓање на дезинформации, различни начини на пакување на приказната особено преку визуелни елементи, изјави Михајло Лахтов од ИРЕКС.

Овие работилници се од исклучително значење за јакнење на новинарскиот дух и самостојноста на редакциите, воедно се обезбедува континуитет во процесот на кревање на новинарските и уредувачките стандарди.

-Се надевам дека јавниот сервис ќе продолжи во соработка со ЗНМ и понатаму на ваков начин да работи на подигнување на квалитетот на новинарскиот кадар и на колегите од ТВ продукцијата, конкретно на снимателите. Очекувам сите искуства кои ги сретнавме деновиве ќе најдеме начин што поскоро да ги имплементираме во пракса, изјави Драган Николоски уредник на спорстска програма.

-Ова е прв пат да се сретнеме со некои нови методологии новитети во медиумите.Секоаш има простор да научиме нешто ново, ова е нова сфера во медиумите. И предизвиците во новинарството се секогаш актуелни, изјави Мемед Јусуфи МРТВ 2 албанска редакција.

Обуката, прва од ваков формат за вработените на јавниот сервис заеднички ја организираа ИРЕКС со поддршка на УСАИД, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми и МРТВ.
