Струшките текстилци изработија модни креации од стара неупотреблива облека

Струшките текстилци изработија модни креации од стара неупотреблива облека

Учениците од текстилниот смер на струшкото „Нико Нестор“ изработуваат модни креации од стара облека. Стари неупотребливи парчиња текстил, хартија и предмети се материјалите од кои креираат нови модели.


Целта на проектот поддржан од УСАИД е преку практична настава учениците да бидат подготвени за пазарот на трудот. Тие се стекнуваат со вештини за целокупниот процес од идеја до готов производ. Конструираат, кројат, моделираат и шијат.

Имавме 15 модели кои што ги работевме со голема љубов и трпение. Еден од моделите беше старо сако за кој што искроивме 640 круга од хартија а потоа еден по еден ги шиевме на сакото, вели Џезија Мавмудоска ученичка.
Покрај стара облека во мојот модел се употребуваа и стари предмети како стари скршени цедиња кои успеав да ги вметнам во фустанот во форма на срце и исто така направив венче од пластични сламки, вели Мелиха Тајроска ученичка.


Во текот на практичната настава учениците учат и плетење и везење, вредните ракотворби кои денес се во изумирање.
-Плетењето го научив повеќе тука нешто и дома. Почетокот беше малку тешко, но кога го усовршив ми е лесно, вели Евдокија Џероска ученичка.
Имавме и торбичка која што беше направена од материјалот што остануваше во изработката на пердувите. Имавме и изработка на накит кој беше изработен од монистра, вели Седина Руфатоска ученичка.


Во изработката на модели од отпадоци беа вклучени ученици од македонска и албанска настава, но и ученици со посебни потреби. Моделите насловени „Рециклирана убавина“ ќе бидат претставени на модни ревии низ државата.


Новинар Соња Рилковска

Social profiles