Меѓународни експерти ќе ја скенираат состојбата во Охридскиот регион

Состојбите со природното и културното богатство на Охридскиот Регион ќе се истражуваат на почетокот на идната година. Земјава, по девет месеци задоцнување, одговорила на барањето на Бернската Конвенција меѓународни експерти да го посетат градот на УНЕСКО, заштитен како Светско културно и природно наследство, и на терен да ја констатираат состојбата. Постојниот Комитет на Бернската Конвенција на крајот од месецов ќе го одржи редовниот годишен состанок, после кој ќе биде познат и датумот кога нивните претставници, заедно со колегите од Рамсарската Конвенција и УНЕСКО, ќе ја реализираат мисијата во Охрид.

Бернска Конвенција минатата година во декември отвори случај против земјава за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица, по жалба поднесена во 2016 година од страна на граѓанска организација „Фронт 21/42“, а во август лани Комитетот за светско наследство ѝ даде на земјата дополнителни две години да ги спроведе препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Состојбите со Охрид беа нотирани и во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на С. Македонија, во кој се вели дека имплементацијата на препораките останува недоволна и бара посилна посветеност и реакција од националните и локалните власти.

Сите овие активности, за претставниците на граѓанските организации во земјава се потврда дека земјата крајно несеризно се однесува кон обврските за заштита на едно од нашите најголеми богатства. Тие, меѓу другото, реагираат и за содржината на Нацрт верзија на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, која ја работи работна група формирана од Владата и за која неодамна имаше организирано јавна расправа.

„Откако работиме на прашањата поврзани со заканите за Охридскиот Регион ова е убедливо еден од најлошите документи кои сме имале можност да ги анализираме, од аспект на заштитата на природното наследство. А, требаше да биде врвен документ кој ќе даде насока за сите други планови и стратегии, кои треба да резултираат со активности за рехабилитација на уништените вредности“, велат од „Фронт 21/42“.

Дел од Акцискиот план, посочуваат, се истите активности кои веќе биле содржани во Планот за управување со Охридскиот регион и кои досега не се спроведени, а требале да бидат, и на кои им се ставени само нови рокови. Екологистите велат дека во Акцискиот план влегле и активности кои биле предложени од граѓанските организации, но проблем е тоа што заедно со нив била внесена и одредба дека финансирањето ќе се проценува во моментот и ќе зависи од актуелната финансиска состојба на институциијата која ќе ги спроведува.

„На состанокот на 30 Ноември прашањето за Охрид повторно е на агенда и ние ќе имаме презентација пред Постојниот комитет за состојбите кои се случуваат од минатата година, кога беше отворен случајот, па се  досега. Очекуваме тогаш да се знае и терминот на мисијата, која претпоставуваме дека ќе се случи некаде напролет“, велат од организацијата.

Неодамна во Владата, на иницијатива на министерката за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска, се одржа и состанок за актуелните состојби поврзани со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион на кој присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, претставник на Министерството за транспорт и врски, градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца, претставници на институции, организации, комисии и претставници на граѓанскиот сектор кои се засегнати со прашањето за заштитата на Охрид.

Како што информираат од Министерството за култура, на средбата се дискутирало за активностите кои се преземаат во насока на спроведувањето на одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО  од 2019 и 2021 година и исполнувањето на препораките од Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО од 2017 и 2020 година.

„Имајќи предвид дека во периодот кој следи претстои подготовката на Извештајот за степенот на реализација на активностите и напредокот во спроведувањето на препораките на Реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за 2022 година, беше договорено да се одржи уште еден состанок на кој повторно ќе се разгледаат препораките на УНЕСКО и обврските на засегнатите страни, како и сите други активности кои се одвиваат или се планираат во Охридскиот регион, а кои се поврзани со природното и културното наследство“, информираат од Култура.

Извор Мета.мк

Social profiles