
Од синоќа сите патишта водат во Вевчани. Вчера се одржа голем концерт на кој настапија ГИГ ОФФ ( Сашко Гигов -Гиш и пријателите), Венко Серафимов и Прпл Цепелин,реге бендот – БРУКА, ДНК, Ласт Експедишн и Фиц Д Инвизиблас.
Од Општина Вевчани најавуваат уште едно издание со богата културно уметничка програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители.
„Од синоќа започна Вевчанскито карневал. Имавме преубав концерт со многу музички групи и голем број посетители. Оваа година на 13 ти, денес ќе има и некои изненадувања. “, вели Спасе Кочоски градоначалник на општина Вевчани.
Вевчанци верни на традицијата, маските одамна се подготвени, но до денес до самото дефиле се држат во строга тајност. Така е со векови. Карневалот се смета за една од најстарите традиции во земјава.
-„Очекуваме поголем број на гости, времето е убаво, а Вевчани е отворено и подготвено. Стандардно како и секоја година ќе има многу забаваа а се надевам дека сите ќе се задоволни “, додава Кочоски.
Традиционалното дефиле на маски, ќе се случи денес околу 14 часот. Вечерва повторно ќе има голем концерт со Баклава, Банда ЕнТопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели. Вевчанскиот карневал завршува утре со палење на маските.
Пишаните извори сведочат дека Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат дека карневалот постои околу 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи.
Новинар Соња Рилковска