
Општина Вевчани и без поддршка на министерството за култура успеа по втор пат да реализира успешно издание на Вевчанскиот карневал. Од минатата година министерството не одвојува финансиски средства за карневалот и тоа без никакво образложение, велат од општина Вевчани, но и покрај тоа општината со скромниот буџет изнаоѓа начин да ја продолжи вековната традиција.
Критика до власта упати претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој присуствуваше на главното дефиле на маските.

-„Министерството за култура за жал обезбеди дури нула денари за одржување на ова традиционална манифестација. Министерката за некултура ја покажа својата некултура уште еднашка како што тоа го направи напати во изминатиот период. И покажа дека не е министер на сите граѓани, не е министер на сите општини“, рече Мицковски.
Вчера со последното Василичарско оро и ритуалното палење на маските се спушти завесата на Вевчанскиот карневал. По вевчанските улици покрај ѓаволите, глупавиот август, зетотовите и невестите, прошетаа безброј маски, страшни, смешни и реални изработени до совршенство. Во карневалската пародија беа одбележани политичките и општествените збиднувања во земјава и светот.
Во фокусот годинава беа енергетската и економската криза, европската интеграција на земјава, спорот со Бугарија, војната во Украина, изградбата на автопатот Кичево Охрид.

„Гостопримството на Вевчани беше уште еднаш покажана на дело. Имаше многу забава, игра, имаше многу хумор и сатира“ , вели Спасе Кочоски градоначалник на Вевчани.
Вевчанскиот карневал е театар без режија и граници. Досетливите василичари го истакнуваат слободниот дух. Дури 50% од населението се маскираат овие денови.
„Палењето на маските симболизира злото да не се повтори во новата година таа да започне чиста„, вели Александра Велкоска туризмолог.
Туристите уживаа во карневалската магија која е необичен преплет на паганското и христијанското.
-„Вевчани ја држи својата личност,својата автентичност и ја гледа иднината преку оваа традиција“, вели Вртакос Александрос фотограф од Грција.
Вевчанци со карневалот останаа верни на традицијата стара 15 векови, а општина Вевчани стана бренд, за Православна Нова година. Илјадници гости деновиве беа дел од најголемиот фестивал на сатирата.
Новинар Соња Рилковска